петок, 26 февруари 2010

Не ни требаат триумфални порти, оти никој не оди со дигната глава

6 години од несреќата на претседателот Трајковски и екипажот на Кингерот, 2 години од хеликоптерската несреќа. 9 од тоа, кој знае што беше, војна ли, конфликт ли, терористи ли беа борци за права или за фотељи?! Во оваа држава некои прашања заслужуваат одговор, ама за тоа треба Боки 13 да им ја отпее песната од големиот брат.

Метју Нимиц во Скопје. Дојдов видов, ништо ново не видов! А толку е просто, сакаат географска одредница. Еве јас би играл и вака: Република Македонија (горна), Република Македонија (северна), или Република Македонија- горна или северна! Ете ви одредница, а идентитетот и јазикот остануваат нечепнати. Тоа што е во заграда секогаш е во заграда, нели?!?

Ебати државата во која премиерот мавта со папири дека Уставниот суд лаже. Парламентот го подржува тоа, го коментира, а тие кои смеат и се единствено компетентни да ги коментираат одлуките (експертската јавност, судиите, правниците, универзитетските професори...) се кријат во своите дупки и си молчат.

Проституција!!! Правете деца, мора да се зголеми наталитетот за Македонија и Македонците. И сите аплаудиравме, мажите и жените се фрлија на работа и сега оп, нема пари, ги изработи државата и мажите и жените. Значи уште еднаш се потврди дека сексот од интерес, за пари, е сепак само проституција, и ветувања, па макар и државата да плаќа. Правете деца од љубов!!!

Градоначалникот на Охрид, заради стравот од поплави на Охрид, ќе побарал помош од Бугарската држава?!? Сиромав градоначалник, колку беден и евтин политички потег! Ерван Фуере и се закани на владата дека не може да го политизира цивилниот сектор, дека не смее да сатанизира и да се заканува. Кажа, стана и си замина. Си замина и вицепремиерот Наумовски. И никому ништо. Во владата им подготвуваат закон, владин закон за невладини организации, а тие си молчат!?! Македонија вечна!

Се запали бебе во куќа на социјалци кои живеат од 1000 денари што државата им ги дава како помош и од својот труд (работа на земја, чување стока) за да преживеат. Заради грижа кон своите деца. Немањето егзистенција ги тера децата да ги оставаат до стариот шпорет да се топлат, а тие се обидуваат дур децата спијат да сработат нешто плус. Бебето се запалило во лулашката , мајката се обидела да го спаси. Предоцна, изгоре!!! Државата ги згрижила со 1000 денари месечно и сега ќе им поднесува уште и кривична пријава за негрижа. Тие се виновни ги обвинува државата, ќе ги суди!

Никој се уште не го објавува списокот на фамозната Скопјанка која увезувала кокаин за скопската вип клиентела. Кој шмркал? Молк!!! Ќе го врти ли филмот на животот МВР??? Скопје 2004 се одлага, за 2018 нема тема.

Имало Евросонг. И повторно имало скандали. Јас не гледав. Многу ми е ќејф. Кај нас ниту победите се со радост, ниту поразите со подадена рака. Затоа не ни требаат триумфални порти, никој не оди со дигната глава!

вторник, 23 февруари 2010

сабота, 20 февруари 2010

Реконструкција = дипломатија. Изслужени министри, добри амбасадори. Дали?

За умрениот беровчанец кој е крив? Матичниот лекар направил одлична проценка што не го носел во Штип туку директно во Скопје, каде што и треба да се носат најтешките случаи. Скопските лекари рекоа дека згрешил и ќе одговара. Потоа и министерот се истопори и рече дека ќе ги превоспитува локалците лекари, и дека ќе испита што направил матичниот. И сега кој ја утнал: министерот или матичниот, кој да одговара, или, недај боже, да поднесе оставка?

Сите... конгресмени, сенатори, европарламентарци, еврокомесари... крш е у Македонија. Тие бараат горе долу за месец дена став, Американците велат задња шанса, сменете го барем ФИРОМ, а Груевски им вели добро, ќе биде. И потоа, вечерта на митинг во Битола, прецизира: туѓо не скаме, своето не го даваме! Што си арчат патот? Што не е јасно, за понадвор или за по дома? Што е ново?!

Ајде математика, да броиме колку џамии има, а колку цркви? Македнците се собраа околу филмот Скопје 2014, а тие, Албанците, се собраа околу макета на Бурмали џамија. Ако ова не е лудило, кажете ми што е?

Бранко меѓу кравите. И тој се симна меѓу народ. Не го личи меѓу крави и штали, ама Грујо ако може и Бранко ќе мора. Па и го даваат по медиуми, му тргна, ќе се правело влада за национален спас. Наместо ДЕМОС да ги растура, тој почна да го растура ДЕМОС. Ама ветил дека нема да биде премиер! А што тогаш ќе прави, пак ли само ќе се растураме?

Дедо Стефан знаел ли што потпишува?!? Зарем поглавар се бави со бизнис, а не со црковни прашања, зарем тие немаат благајник или човек за финасии, па тој си земал пари да брои? И сега, нели е смешна прикаскава: бараат милостиња да се обнови манастрот Бигорски, или куп цркви кои зјаат, дали без фасади или без фрески и кандила, а тие се бават со милиони евра? Кој да ја каже вистината? Со вербата во духот и парите во џеб, Господ нека ни е на помош.

Пепи “римјанката“ по пошта си нарачувала кокаин, а случајот го фатиле нашите. Конзумент била, тако речи, ВИП клијентела во предградието на Скопје. Тие повеќе се облекувале кај Пепи, во Шутка никако, и сеа тука е се замрсено. Кој ли кого мести во прикаскава? Да не е некој исто ВИП сељак, кој рекол ќе те кажам ако не ми дадеш Версаче за свадба попуст, или е успех на нашата јавна безбедност? Не можам да тврдам, само се прашувам. Но, список си е список, да видиме како ќе го употребат. Кога е Македонскиот ВИП во прашање, се е можно.

Мочковци во парламентот, а богами и незнам која сестра пушела на хирургија, и тоа треба да се најде, кога парламентарец тврди дека и тогаш и сеа пак пушела. Една те иста е, или повеќе се наредиле? Да не мисли дека има и доктори што пушат, да не нѐ се сестри? Кој кому овде пуши со законов, господин Бучковски да каже, а и кој моча во базен, Ѓорчев да напише изјава! Тоа е моето пратеничко прашање за идниот четврток!!!

Е тој фраерот од Фокс пцуел и викал да го упуцаат у глава тој талибанецот што го фатија пред некој ден, и нашиве, се исплашиле ради нашава демократија, и одма трите реклами што требале да идат ги симнале. Значи, типот пцуел, викал, убивал, а ние до сега таму сме се рекламирале?!? Сега е јасно зошто инвестициите не доаѓале, на погрешно место идела рекламата “Инвест ин Македонија“.

Реконструкција и амбасадори. Ќе ни се случи ли повторно тие што Груевски ќе реши да ги смени, ако не ги бива за министри, да ги бива за амбасадори? Па нели некој треба да не промовира надвор, да е успешен? Нели е глупост ако амбасадорот од Атина не направил ништо да го ставиш сега амбасадор во Бугарија, на пример, или еден пензиониран правдољубец да го ставиш во Европска Словенија? А и куп неписмени, затоа што не занаат јазик, да ги шуткаш по Југославија, зато што знају српски како матерњи, а само заради тоа што некој се бавел со дијаспора, да го ставиш да биде амбасадор во НАТО? Си играме држава, или си играме дипломатија?

понеделник, 15 февруари 2010

петок, 12 февруари 2010

Падај сило и неправдо!

Ма ова е партизанска земја, носталгичари кои живеат во минато! Не знам колку го гледале Аватар, ама филмот Скопје 2014 се врти врз сите сетила. Секој ден нови невладини, институти, се што оиле вреди, што знае повеќе од две цигли и кофа малтер, што завршило факултет и се брои за писмен, од архитекти до булдожеристите, се е за Скопје. Уметност и кич! Опозицијата тврди дека и ова ќе било дивоградба, зошто онака, по ВМРОовски, на јуриш, се промовира и прво се копа па потоа се бара законска рамка. Но мене ми е дилемата: Зошто сега се отвора оваа приказна? Итно треба да го средиме Скопје за Европа; има пари зошто да не; или некому му се брза за уште една поделба на предавници и патриоти, на уметници и дунстери –кичерај!?

Протести за ново Скопје. СДСМ искочи на барикади. Тие велат дека тоа бил спонтан собир на граѓани, на архи бригади, не знам на невладини, а богами и стари скопјани. Ова спонтаност ми личи како онаа пред Уставниот суд за лустрација, или како на оние пред ЕУ, или оние среќните спонтани пред влада кога ја добивме визната либерализација... Кој од кого ја научи спонтаноста, СДСМ од ВМРО или ВМРО од СДСМ??? За жал!

Во Македонија од спонтаноста само, спонтан е абортусот.

Милошовски беше во Албанија непосредно кога албанските власти почнаа со забраната и прогонот на лицата кои на Голобрдо го подучуваа македонскиот, мајчин, јазик. Тирана, дали поради претстојниот попис, или поради реципроцитет кон јазикот на Албанците, забранува изучување дури и самоволно, не на трошок на државата. Министерот Милошовски во тој момент беше во Тирана на средбата со својот колега и претседателот. Замислете, воопшто не кажал ниту збор , ниту забелешка. Тогаш што правел?!? Туристичките дестинации ги расшетувал, или него македонската дијаспора не го интересира? Или, уште поупатно, тоа е негов личен однос? Парадоксално за овој проблем реагира министерот за образование. Тогаш што му е работа на министерот Милошовски, туризам или надворешна политика?

И претседателот Иванов убаво си поминал во Минхен на безбедносната конференција. Тој, бидејќи е за решение за името со разумен компромис, на новинарите им рекол да издржиме! Колку за плата сме имале и не се даваме. Издржуваме ние, вие... Но, или дали знаете претседателе дали сите имаат и земаат плата?

Мендух Тачи конечно излезе на македонски медиум, не ја прати пораката од Тирана, туку од Скопје. Не знам дали дека последниот пат и во Тирана го направија бербат неговите, па затоа сега од среде Скопје повика на војна ако не паднел Груевски?!? Не знам дали некој се исплаши од кажаното, ама знам дека порталот каде што стоеше интервјуто еден ден беше блокиран, го снема. Толку беше со нашата слобода на информирањето. А политичарите пак, наместо одговор и полемика, насочија на обвинителот, но тоа беше само втората сликичка од нашиот капацитативен плурализам. Само Рикер и Фуере, дежурните за пристојноста во политиката, му рекоа да си ја симне реториката, а ако има што да каже, собраниската говорница му е отворена. За тоа го плаќаат и за тоа е избран!

Маневски е цар, праведен до даска, токму како за министер за правда. Тој вели дека анкетата на ОБСЕ, каде што судиите тврдат дека нема демократија и независност, туку само притисоци, не ја признавал. Михајло вели, не била јавно објавена и била само критика и затоа била нерелевантна. Уствари, прво проба да ја скрие, па потоа рече дека била невалидна. И сега не знам зошто тие кои го фалат рејтингот на премиерот се топ, а тие што се критички настроени не чинеле господине министре? Можеби би требало вам да ви веруваме, вие знаете што е правда и неправда, тоа ви е по попис и опис на работното место? Но што ако судиите, кои се всушност работници, тврдат дека не се независни?!? Дали лажат? Ама....па нели и тие треба праведно да судат? Кој лаже, што е правда, а што суд министре?

Пораки преку Дејли телеграф! Објавена е информација за Дејвид Камерун, идниот инвеститор на хотел во центарот на Скопје, дека тоа го добил на сомнителен и нерегуларен начин, лично од премиерот Груевски, за сметка на лобирање за Македонија. Чудни се тоа енглезите, тие бараат сметка и покритие за се. Не им ли текнува дека ова е земјата со вечна транзиција??? Чудно е тоа, ама уште почудно е зошто баш сега Телеграф се сети да објавува вакви аферички и да ги врзува за нашите владини бизнисмени и бизниси, кога хотелот така гордо и ренесансно ќе личи на плоштадот во 2014?!?

Последниот извештај на невладините вели дека жените повеќе и пожестоко пијат од мажите!?! Јас знам дека повеќе гледаат Ѓумуш, Шехерзад, и големиот брат – а мажите лесничко, со пивце си гледаат фудбал. Тоа ти е транзиција, љубав, онака спортски, и никој никого не .... Им фали Онур! Епа ќе пијат бе брат, ќе пијат!

Граѓаните се жалат дека ЕВН ги краде затоа што на броилата не се означува кога е евтина, а кога скапа струја. ЕВН продава а не кажува. А ние граѓаните плаќаме! За ова ниту една партија не дига глас. Не се тие за тоа, тие се за споменици, за Џемо кољачот, за триумфални порти... тие се за големи работи -ова е само народ и парите на народот. Не се нивни пари!

среда, 10 февруари 2010

Москва го запре НАТО- репортажа од Украина за ФОРУМ

За многумина фаворит на изборите е Виктор Јанукович, иако реално сигурен фаворит е само Русија

Украина е пред вториот круг претседателски избори. Овде ама баш никому не му паѓа напамет револуционерно да гласа за портокаловите. Тоа беше прикаска за еднократна употреба. Ќе се раскажува како Американците упаднаа во втората по моќ поранешна советска република Украина, ќе се раскажува, но нема да се повтори. Впрочем, ако зачекорите надвор од Киев или од кој било друг град, сосем неважно дали на исток или запад, само после 15-ина километри од урбаната средина веќе заборавате на светкавите излози и американските реклами и се враќате длабоко во 80-тите години на минатиот век, во типична советска Русија.

Целата репортажа од Украина на авторот и уредник на магазин НИЕ... Драган Антоновски можете да ја прочитата тука...>>>

вторник, 09 февруари 2010

сабота, 06 февруари 2010

Пак си правиме филмчиња

Пак си праиме филмчиња - Скопје дефинитвно ќе го бидело, процват, барок во 2014- ај едно филмче ве молам за големи плати, нови коли, полни трпези, респектирани инстиуции, независно судство, факултетски образовани млади, писмени луѓе, непартизирана администрација, селектиран отпад, еколошки чиста средина, и по толку сали и топки- Македонија шампион, во што е да е! Ај бе!

Фронт! И опозицијата се обедини. Сега на плоштадот се знае кој што вика: Груевци- сакаме на бања; Угриновци со петокрака и црвена марама- викаат нема да се бањаме… не скакаме на бања; Гегај протестира- не сака бесплатно во петок во автобус; Бојо по европски- знаењето е моќ, дојдете на Европски. ФРОНТот на Црвенковски “Падај сило и неправдо”, а пустиот и тој сам си се киселеше на сликата. Само Tито е радосен што најде начин како да се врати, Угрин оро козарачко вие, а и Бучко ракоплескаше, a не дека сака, туку дека мора. Ете, тоа ти е државникот ДЕНЕС.

Дефинитивно се краде и се збираат пари како за пред избори. Половина милион евра само во јануари. Во гостиварско 45 лаптопи, исто така украдени. Со тие пари се обезбедува цел центар за анализа и истражување рејтинг на поголема партија, а богами и ќе се работи на цела кампања онака електронски. Нe е важно, истрагата е во тек!

Рикер на челникот на ДИК, и тој Александар, само Новаковски, за Денот на изборите му рекол среќен ден за избори- ама избори оваа година- доста!

Александар Велики- аеродром, Александар Македонски- автопат, и спиење во хотел Александар Палас. Никој вака не ме почестил- му рекол Финскиот министер за надворешни, Александар Стуб на нашиот Милошовски, а богами и на Иванов. Принципелно, вие ја имате подршката, ама практично решете си го името, ни рече Александар Стуб.

Големиот газда ЗЕГИН се изнасмеа на судбината на професијата аптекари. Тоа се луѓе кои со години работеле за луѓе, љубезни кога со болка сме барале спас, подавале рака, издвојувале од својата плата за градење на гигантот Градски аптеки. И сега, газда ЗЕГИН најсељачки им се изнасмеа во фаца, тој демек господин, а тие сега требале да мерат улици, ќе биле геометри. Тоа го вели пред камера?!? Е тоа е примитивизмот на македонските новопечени газди.

За еден друг примитивизам и провинцијализам- не знам што е ова тужикање по новинари, макар и на фејсбук. Има една разлика, новинарите критикуваат, но не владеат, не се ниту министри ниту претседатели. Без параноја, одговорноста е во политичарите, а ние катадневно само потсетуваме на тоа. Од претседател до задња шуша, сите се натпреваруваат да плукат врз еснафот и да прогласат кој е предавник, a кој победник. Tоа ли е работа на државните функционери и институциите?

Не знам дали Ангела е растргнатото дете на планината, но се прашувам чија е одговорноста? Се сеќавам колку парада, хеликоптери, механизација, пари, луѓе со месеци трагаа во погрешен правец... Колку ја чинеше државата таа истрага тогаш? Трагање во погрешен правец, тоа е нормална работа, или незнаење? Има ли одговорност за тие што се сликаа и не убедуваа дека успешно пребарале, што лепеа слики по гранични премини, по медиуми? Дали “истрагата е во тек” е знак на моќ или немоќ?

Во новото издание на магазин НИЕ... во недела, 07.02.2010 во 16,30 часот, гостин Јован Манасијевски. Гледајте НИЕ...

среда, 03 февруари 2010