вторник, 29 декември 2009

Традиционални VS Нови медиуми: предности и разлики

Во магазин НИЕ... во недела, 27.12.2009 година се водеше дискусија на тема Интернет, (зло)употреби, традиционални и нови медиуми...

Гости: Дарко Булдиоски и Славица Биљарска Мирчески

Целосното видео од емисијата можете да го погледнете тука...>>>

петок, 25 декември 2009

Епизодисти

Христос се роди, славете го!

Мавровски работници: Хисен Џемаили е обвинет за овој Хашки случај, се криеше со месеци додека не му гарантираше власта дека нема судиите да го судат, МВР да го апсат. Сега, по потерница, го фатиле Шкодран Идризи, само борец на ОНА. И ќе го екстрадираат- нему ќе му судат, тој не е пратеник!

Ѓорге Иванов: Тој вели може и предавници и патриоти, се е демократија, може и потерници по медиуми, се може! Tребало да се научиме на плурализам, и вели, ете јас имав рејтинг кога ме бираа, сега не ми треба, тоа е за лидери. Чуму токлу искреност претседателе? Но, што е точно? Не сте лидер за рејтинг, или сега сфатија граѓаните кого избраа?

Демос: Tоа луѓето се чудна прикаска, само контра да е, сеир, тенгере тенк, сите незадоволници од Црвенковски си пркосат едни на други. Не ги сфаќам лидерите Манасијевски и Селмани, имаат партија, а членуваат во Демос! Па за што им е партија, тогаш? Керим не сака, вели гост сум, а тие веќе го прогласуваат за лидер, демек сите се уплашивме. Рикер?!? Па што, па тој бара таму? И се некако, сакам кажам, не знам речам! Ако сте партија бујрум, ако сте тинк тенк ајде! Или се е само друштво за дефрустрација, филмчиња, друштво на мртвите поети?

Конгресот на ДУИ: Ништо ново! Како и во сите други партии во Македонија, нема демократија, само камшик, плурализам со еден кандидат и претурање од една функција на друга, мешање карти на ист шпил - тоа тие е!

Мазнева и браќа и сестри југовиќи: На кој му текна да го споредува и споделува србизмот или албанизмот во ВМРО? Пак само жени, или некои нови ВМРОовци.

Не сме први, ама сме второ место во Европа - па да во пушење. Тоа е политика, успешна политика! Пушиме, гајле си немаме, 5,5 кг по човек, годишно 11 тони. Јас сум против, Бучко, Оровчанец и не знам уште кои, биле за пушенје. Тие се преку парламент, јас сум преку законот. Ќе видиме кој ќе победи во новата 2010!

Топилница повторно да се рестартира: Се ќе било по пропис, велат газдидте. Како да им веруваме? Исто како што OKTA не ги труе Mиладиновчани, или како со Свидмилк, не платија и заминаа, или...?

недела, 20 декември 2009

Кој остане- тој е! Ти си Македонија!

Македонија без визи! Браво за сите нас што дочекавме, а и за тие кои им беше конкретна задача: Радмила Шеќеринска, Габриела Коневска, Ивица Боцевски, Васко Наумовски.

Односи ВМРО и ДУИ- Новите избори ќе ги предизвика Ахмети. Тоа ќе му биде најголемиот успех, задача и обврска од и со ВМРО ДПМНЕ.... и така, пак ќе живеат заедно, уште еден мандат.

Јорго Ќука, транзицискиот бизнисмен кој го владееше ОХИС заврши конечно во Идризово. Освен неговиот адвокат, кој вели нема правда, сите вработени во ОХИС задоволни, конечно велат имало правда. Во ист пакет и Љубе Tрпевски отиде на дослужување … затвор.

Снаи и свекрви, јатрви во парламрент, пајдаруши во штикли, па тоa симболики, куршуми. Малку ни се демоде, со калашникови наместо Мата Xари стил. Пa дајте малку и подвезици, диколтеа, демек отровни стрели... па нешто љубав Шеxерзад- Ѓумуш, па да видиш гледаност на парламент. А вие по селски, како на чешма, или на улица... да се чудиш жениве во парламентот како си се удомија!

Бранко ќе прави опозиционен фронт и влада во сенка. Го запнале, го прашуваат кога, па кога, а тој, како со кубурата, кога ќе дошло време! Демек сега Грујо добро ја тера, нема потреба од влада во сенка. Е не е исто да се курчиш и да кажеш дека салата е најубава кога е пуна со жени, Универзална нели, и не е лесно да бидеш голем лидер, ама на малечка партија. Среќа во несреќа е што до април завршуваат маките на БЦ, па потоа како што е ред по секои изгубени избори, спас за него ќе е да си ја троши пензиичката претседателска.

По Груевски, и Иванов и Папандреу почнaа да разговараат. Што повеќе се разговара директно со Грциве, се поголеми Македонци стануваат Хелениве. Секој Грк се раѓа и умира како Македонец! A-ха, значи живее само како Грк! Како да го сватам овој Друцас, роден во Никозија, учел во Австрија, или пак Папандреу? Mајка му Американка, баба му Пољакиња. Па кој овде има проблем со идентитет- тие или ние....!?

Берлускони го пуканаа неговите право во муцка... скрешени заби, нос, вилица... Висок рејтинг во свој роден крај, во свои сопартијци. Уште еднаш се покажа дека не можеш да бидеш врач само во сопственото село, па ни Берлускони во Милано. Кога тогаш ќе те пукнат твоите, право по муцка.

сабота, 12 декември 2009

НИЕ... во недела... во 16,20 часот

Кој ја урива независноста на централната банка?

Чиј е ќарот и загубата од лажните најави за девалвација на денарот?

Кои се банкарските тајни кои со себе ги носат поранешните банкарски експерти на НБРМ, сега приватни банкари?

Гувернерот Петар Гошев, ексклузивно, по 6 години отсуство од ТВ екраните, беше гостин во магазинот НИЕ, во недела 13.12.2009 година, во 16.20 часот. Целосното видео од емсијата можете да го погледнете тука...>>>

Пусто турско!

Пусто турско! Ги чекавме пет века Турците за држава, а сега 18 Грците за името. Ќе ги чекаме да го потрошат моралниот кредит, ќе ги фатиме и нив на кондиција. Не знаат тие колку ние можеме да молчиме и трпиме.

Името, ЕУ, НАТО- дефинитивно станува шпанска серија. Советот на министри и го довери тоа на Шпанија, и со право. Тие со години знаат да прават шпански серии, лимонади каде има и плачење, и емоции, и дразнење, и се е познато, кој е во право, кој е натрапник, кого го сакаат, а кого не, ама пак опстојува и се продава. Значи до влез во ЕУ не очекуваат многу подметачини, многу солзи, трагедии, се е исто, натсинхорнизирано, сите не сакаат таму, ама ако може бегалка. Европска љубов, перверзни швалерации, или шпанска сапуница. За каде сме тргнале?

Дипломатски извори велат Бојко Борисов и Бугарија гласаа против Македонија. Груевски, по тоа, вели Борисов ми рече дека гласал така како што ми вети. Борисов, по тоа, вели ние не сме против Македонија, гласав како што се договоривме со Груевски. И сега, ако дипломатите не лажат, испаѓа дека Груевски е против Македонија затоа што и двајцата, и Груевски и Борисов велат дека се договориле како Бугарија да гласа. Кој лаже, не мислев тој и краде - туку, кој лаже?

Уште една тема врзана за 7-ми декември, само радосна вест. Додека го чекавме извештајот од Брисел за влез во Европа, како потврда колку сме подготвени, по европски, само една работа помина тој ден. Само социјалците добија СОС картички за да си купат лепче, зејтин, шеќер во социјалните продавници -едноставно социјално слипче за статус. Барем некој доби тој ден! Европа не скокна, рече не сме биле добри, а ние со картички делиме брашно и зејтин. Да не не е тоа европски?

Студентски протести пред инфоцентарот на Унијата во Скопје. Се пењавиме со денови, де Петров, де карваните на Страшо, демек се спонтано, ама не иде. Не можеш два автобуса да наполниш за Македонија, а демек името не го даваме. Чудно! И на крај тоа студентите од по 5-60 години ги збркаа медиумите, камерите да не ги снимаат, демек лажат дека биле студентските протести и ги организирале ВМРО ДПМНЕ. Не знам зошто никој не верува веќе во МКД на спонтани собири? Велат одамна во Македонија единствено спонтан може да биде абортусот и толку. Ама, за нашиот народ каков што е, подобро е концертот на Здравко Чолиќ да го насловиме името не го даваме, ама без визи ќе патуваме, па тогаш да ги пуштиме камерите да снимаат за да не се брукаме. Да, во име на Македонија се разбира.

Затоа што Црвенковски како опозиција се загуби во себе си, сега Претседателот Иванов заигра онака тврдо опозиционерски . Тој е против ЕУ и одлуката од Брисел. Провикна: За човековите права на Македонецот во европскиот свет! Експертите крикнаа: Европа - тоа е фашизам! Ех, ќе биде ли Иванов тој лошиот, а Груевски тој добриот како и секогаш? Кој ќе ги фака на кондиција Грците и меѓународната заедница? Така е, три во едно, и опозиција и власт и народ- ти си Македонија!

Бројот на умрените од свинскиот грип постојано расте, ја надмина десетката. Бројот на заразените велат расте, лекарите контра, без паника нормално е, новинарите секој ден отвораат вести со стравот. Лекарите не сакаат да се вакцинираат, новинарите оваа недела ги вакцинираа. Белким ќе спласне сега стравот!

сабота, 05 декември 2009

Грујо ги забања пензионерите, децата добија безвизен, жените ја имаат Ѓумуш, мажите- премиер лига, а сите копнежи како за 1001 ноќ

[www.tabrizensemble.com]

Во оваа недела, средбата во Брисел на премиерот Груевски со претседателот Баросо беше клучен политички настан, без муабет тет а тет, се видоа домаќински, пред сите, си поразговаараа, никој не е изненаден. Тој му рече името да си го смените засекогаш, нашиот му врати работиме се да направиме ама вие не не блокирајте, се поздравија и летнавме од Брисел. Формулацијата утре веројатно ќе биде: да добри сте, ве гледаме, постојте пред вратава или чекорете сега малку на југ, север - југ таму е Македонија. А, да, и Антонио го виде Папандреу - се слика!

Ѓоле Иванов го испрати Месиќ на последната претседателска посета, и толку. Пак го снема. Нема разумно објаснување, ама сега има грб. Не мислев на Груевски кој зборува во негово име, туку грб амблем. Си се спрема човекот на тенане, де кабинет, де анекс вила, сега и грб, пред да почне со претседателствувањето.

Дајте ги назад визите. И таман сите ни честитаа за визната либерализација , ние се радувавме два дена и ни пројде. Требало нови пасоши и лични карти. И сега маката е дека закажуваат термини за изработка за јануари 2011. Кој ќе чека толку? Веднаш се прават математики за екстра брзо вадење пасош треба 100 евра, за виза 35, за групна помалку. Дајте виза, шенгенот и не бил толку лош!

Стразбур си е Стразбур, Европа си е Европа, аргументите се оружје на маргиналците и слабите,тие се повикуваат на закони, а моќта е принцип на силните. Сила на аргументи или аргуимент на сила, така свршува македонштината на ОМО Илинден Пирин. Законите не важат за европејците, сега и Бугарија е Европа, а ние ќе си бараме правди по судовите.

Мендух, преку Тирански медиуми со закани дека ако не ги прифателе неговите барања за федерализација ќе немало ниту македонска држава, ниту нација. Па вели, ако се тргнела историската прашина, ќе се видело дека сме се декларирале за Срби и Бугари... и треба да си го смениме и името и идентитетот. А неговата поптпретседателка пак, Мируше, вели нека им е лесна земја на војниците на ОНА, ама тие се бореле само за да дојде на власт Ахмети, а не за правата на Албанците, бидејќи суштината на војните била цел, а не власт. А да се договорат што сакаат, Тачи за права ли ќе се бори, а што сака ДПА и во што е разликата со ДУИ? Е мој Тачи, радикализмот е веќе видено и поминато, и не се продава. Особено не одкако сите пратеници избегаа од Тачи и ДПА, а му остана само Џафери на кој му е малку доцна да менува партија.

Груевски ги забања пезионерите. Ќе се развивал така бањскиот туризам, не било предизборно, туку ќе им се направело навика. Абе, каква навика? Па нели тоа е за најсиромашните со најниски пензии? Тие за автобус до бања дали ќе имаат, а камо ли навика? Како и да е тие се забањати, децата добија безвизен, жените ја имаат Ѓумуш, мажите- премиер лига, а сите копнежи како за 1001 ноќ. Македонија- вечна!