сабота, 31 октомври 2009

Дали Македонија доби препорака за датум за преговори или, доби препорака за промена на името?! Не остави ли администрацијата на Обама, на Европа!?

Гости, во недела 01.11.2009 година, во 14,00 часот во магазин НИЕ... Стево Пендаровски, Тања Каракамишева и Суад Мисини.

Целосното видео од емисијата може да го погледнете тука...>>>

А во најавата...

За затоплувањето на односите меѓу Атина и Скопје. Средба Папандреу- Груевски. Протоколарно прво прашање: Како тука по Брисел? Како по дома?- вели Папандреу- Ти читаш книги? Да сум читал некои- вели Груевски. Насмевка, поздравување и толку. Ги затворија сами, без новинари, половина час. Што потоа се случи е веќе чуено и веќе видено. И тоа било нова позиција во преговорите?!!

Претседателот Иванов даде уште една интересна изјава. Дали од несмасност, дали од свесност, вели дека, ако мнозинството е задоволно од решението за промената на името тогаш може и друга форма, не мора референдум. И сега тука ми се наметнуваат две дилеми. Некој дефинитивно се согласил дека името се менува, ама не знае дали ќе ни се допадне сменетото. Или, претседателот сега како разумен компромис вели не е потребен референдум, сега не е курентно да се прашува народот. А, Груевски јасно од Брисел порачува дека остануваат на референдумското изјаснување, тоа е дел од програмата на ВМРО ДПМНЕ. А претседателот не е вмровец? Се разединија ли претседателот и премиерот?

По Грција, и Бугарскиот претседател Прванов го предупредува Груевски и бара извинување за неговото последно кажано во Австралија, пред македонската дијаспора, дека тие имаат привилегија да живеат заедно и вардарци и пиринци и егејци на исто место, во контекст на обединете се, не делете се. Бугарскиот претседател бара од Груевски да не заборави дека нема пиринци, има само Македонци. И има уште една работа, и Бугарија може да ги блокира евроинтегративните процеси на Македонија затоа што, и тој потсетува, добрососедство е обврската, а не провокациите.

Кај си бе брат како ти е? Море бегај да не те видам! Тоа е, велат медиумите, полемиката на двајцата поранешни затворски колеги, браќа по оружје, Бошковски и Тарчуловски. Адвокатите кои присуствувале на средбата тврдат дека не било така, известувачите од Хаг велат било така. Затворските приказни се секогаш такви, едниот вели невин сум, другиот вели не сум крив ме наместија. Кој кого и како го смести во Хаг знаеме сите, ама сега веќе не се бавиме со нив, туку сами со себе. Како за крајот на охридскиот рамковен -хепи енд, убаво спакувано. Фали уште да каже и Али: Немојте бе браќа, не се карајте.

Пензиите на ОНА и парите за и од бранителите и во оваа недела тема. И таму некако слично, ОНА си бараат пензии затоа што се бореле за своите, тие дојдоа на власт, сега тие се држава и треба да дадат пензии на загинатите и семејствата кои ги донесоа на власт. Бранителите пак ја бранеа државата, патриотизам и херојство на дело, нивните загинаа, семејствата добија обесштетувања, ама тоа не било законски и според македонското правобранителство кое го штити имотот на државата треба да ги вратат парите назад. Тоа што тие го дале својот живот на државата, за да ја заштитат, е обврска, чест, патриотизам; а пари за држава се само пари. Заеднички именител е државата, таа не смее да загуби и не смее да се загуби.

Два нови случаи на свински грип во Македонија. Никој не кажа дека тоа се странци кои допатувале. Некако одеднаш во опкружувањето и Европа стартуваат прикаските, почнавме да ги двоиме вестите, колку умреле во Грција во Бугарија во Америка. Пак почнавме да се пребројуваме. Мијте раце, мијте раце, или фармацевтите ќе ве инфицираат! Пардон, вакцинираат!

петок, 23 октомври 2009

Студентската мизерија, вчера денес и за жал УТРЕ

Гости во магазин НИЕ... во недела, 25.10.2009, после 13,00 часот на Сител 1: Ивица Антески од Нова искра, Оливер Стефановски од Слободен индекс и новиот претседател на СПУКМ, Иван Живковски. Целосното видео од емисијата можете да го погледнете тука...>>>

А во најавата...

Македонија ја забетонира и својата северна граница. Меѓународната заедница се тоа здружно го поздрави, како тие да ја организирале косовската демаркација. Официјален Белград, окуражен од Русија, со остар демарш, разбира се. И тоа е висока политика. А од приземното ме насмеаја нашите пратеници .Во ред се забелешките за процедурата, но, во дебатата тие се уште се бават со топчиња и двогледи, па Кодра Фура не ја даваме тоа било безбедносна точка. Ќе сме ги гледале косоварите одозгора и ќе знаеме кога и каде ќе нападнат?!! Кој да им каже дека сега е време на сателити, на ракети за наведување, хеликоптери и авиони. Па кој уште со двоглед ќе гледа? Ало пратеници, техника, 21 век е!

Претседателот Иванов во Израел. Првин во Турција, па во Израел. И двете земји наши искрени поддржувачи. Во Израел Иванов го покани претседателот Нетанјаху да дојде на отворањето на музејот на холокаустот во Скопје. Ќе беше добро да му кажеше некој од неговите на Иванов дека Израелците имаат забелешки токму на тапкањето во место на изградбата на музејот и дека тоа го лути Израел зошто Македонија со години не го завршува.

Слобода на медиумите во Македонија на 34-то место на рејтинг листа на репортерите без граници. Владата на Груевски не почести со едно “алал да ви е“. И кој вели дека нема слобода за медиумите во Македонија? Дилема: сака ли владата и нас новинарите да не стави во рејтинг машината, па да се тркаме кој е паорен, или што? А ние... Сепак ние не одиме на избори и не ни треба рејтинг; второ битно ни е колку ни веруваат, а не колку не гледаат; и трето, ако владата ги фали медиумите, а тие би требало критички да ја опсервираат, тогаш нешто не е во ред или кај владата или кај медиумите.

На возачот на Тоше Проески му пресудија 2 години затвор. Казната е само законска рамка, човекот со солзи изјави дека него одамна му пресудиле, кога му се случи тој да биде виновникот за смртта на поп иконата Тоше Проески. А ние би додале: на Тоше му пресуди менаџерката која непрофесионално трчаше по заработувачка од младиот неискусен пејач, кој заслужуваше да има и свој професионален возач, безбедно возило за превоз и издржлив тајминг за настапи и гостувања. Тоа е причината за трагичната несреќа а не овој несреќник, кој, се фатил за нешто што не смееле да му дозволат.

Петок , празник на ВМРО или на Македонската борба. Честит празник. И, дали можеби тоа е адекватниот датум за славење, ако се дефинира како македонска борба? Тогаш борбата за името како ќе ја дефинираме? Кој датум? Влезот во ЕУ и НАТО или што за тоа .....Ќе ги славиме или ќе се срамиме?

Екологија на македонски начин! Тетово се гуши во смет затоа што гостиварскиот градоначалник Руфи Османи не дава сметот од Тетово да се носи во Гостивар во регионалната депонија, за да ги заштити своите гостиварчани- тоа му било работа. Министерот за екологија Јакупи молчи, а тетовци велат “немаме каде, се претрупавме“. На крај договор. Ќе го носиме сметот во Скопје во Дрисла, таму има депонија, а таа во Русино, гостиварско, ќе ја користиме само делумно. Ако е тоа системот еколошки, префрлај од шупљо во празно, или од кај мене кај комшијата, или Османи си ги штити своите граѓани, се наметнува прашањето: има ли Скопје градски татковци за грижа, или се е само парада?

сабота, 17 октомври 2009

Народни кујни: сиромаштија и беда...Од кога тоа е хумана работа?

Во првата емисија од новата сезона на магазинот НИЕ... разговараме со Сашо Клековски, Лидија Димова и Атанас Кировски.

Целосното видео од емисијата можете да го погледнете тука...>>>

А во најавата...

Студенилото, или зимата, без датум за почеток - сепак почна. Топлификација со датум за греење ја нема. За тоа како ќе наплаќаат, со или без калориметри, направија 100 прес конференции, а за да ја подготват и исконтролираат мрежата преку која заработуваат, ги нема. Тоа им го оставија на граѓаните. Тие за се се виновни и кога ќе задоцнат со плаќање за превисоките сметки, и кога радијаторите се студени заради тоа што подстаницата за парно, кој и да е, не ја вклучил. Господа парно грејачи, само коректност, принципиелност и професионалност е одлика на фирмите кои работат според европски стандарди -правилото е потрошувачот е секогаш во право, а вашиот монопол е само поледица на недемократски системи. Но тоа е тоа!

Ме бендиса изјава на сопругот на онаа Бугарката, Спаска. Тој вели “Спаска е толку Бугарка колку што јас сум црнец“. Единствено што е точна е дека нејзиното семејство сака да профитира од нејзината кобајаги бугарштина. Значи се било обичен балкански примитивизам! Човекот е белец, згора со српско потекло, а Спаска е, пииииииип , знаете што...

И уште една бугарска тема, поточно процес. Бонева против Бучковски! Пратеник на ВМРО тужи пратеник на СДСМ пред суд. Таа бара 100.000 евра отштета затоа што Бучко ја направил Кондолиза Бугарка. Пратеничката Бонева тврди дека нема бугарски пасош и сега тој ќе си плати. Не знам зошто се караат, а новиот премиер Борисов ако имаш бугарски пасош или те вработува кај него во кабинет или те прима на кафе. Каква голема понуда од Софија е тоа, или колку големи пари се бараат за казна, или дилема: зарем толку голема работа се тоа бугарските пасоши?!

Несудениот српски архиепископ сега нека си брмчи сам со ‘томосот’ кој му го дадоа Грците и Србите. Сега тие се скрија и ќе ги затоплуваат односите, а тој остана предаден од нив и предавник за нас. Згора на се сега му пресудија и како на криминалец што до сега му го одложуваа: 2,5 години затвор и да врати 250.000 евра во црковната каса од која ги украл. Е Зоране, Зоране, никој не ги сака предавниците. И она второто, ниту од секое дрвце се прави свирче ниту со секоја брада и мантија се станува владика- тоа требаше да го знаеш!

Енциклопедија за сега мирува. Целиот пакет, и незадоволните Албанци, и незадоволните академици, и незадоволните граѓани,... го здушија немирот. Никој не поднесе оставка, никој не ја отфрла, никој не ја предава. Во енциклопедијата имало велат и ноторни лаги. Тоа тие e првата Македонска енциклопедија на МАНУ. Кому да му служи тогаш енциклопедијата, ваква каква што е? Многу фрлени пари за да самобендисано се читаат само тие кои се испазариле со редакторите!

И следното е врзано за факти: Бериша ги побара моштите на мајка Тереза, од Калкута да се префрлат во Албанија. Истото го побара и Косово, ама тие, како дел од Албанија, нормално и дел од моштите. Нашите си молчат!Блажената сепак ја одбрала Калкута за почивалиште. Добрината и хуманоста како почеток и крај.Индија на Албанија и порача дека е безобразно да се побара такво нешто. До каде ли оди балканската алчност?

'МАКЕДОНОЈА ИМА СЕ ПОГОЛЕМА ПОТРЕБА ОД НАРОДНИ КУЈНИ' - тоа секаде го има и е наменето за луѓе кои немаат пари да си платат барем еден оброк дневно. Тоа е синоним за сиромаштија и беда.Тоа е и хуман гест на тие кои имаат за тие кои немаат.Кај нас речиси секој град добива кујна, а Владата вели,имало се поголема потреба за отворање вакви кујни- народни кујни. Тоа е, тврдат, хумана работа. Не знам. Од кога тоа бедата и сиромаштијата се хумана работа.