Никој не ви спори дека имате идентитет и јазик различен, вели Нимиц, само не кажа кој... Македонски, или дијалект на бугарскиот, или јужносрбијански, или кој господине Нимиц? Значи тоа дека сме посебен народ и со посебен идентитет, ниту Грција, ниту некој друг го спори во светот. Нашата кавга со Грција е заради непризнавање дека сме Македонци, нашите разлики со соседите не се дека сме друг, туку дека не сме македонски јазик, нашиот спор со Грција не е дека не сме посебна нација, туку дека не сме македонски идентитет. Од таму, во што е разликата со претходните и сегашните понуди? Само двојната формула е реално решение, се останато е само продавање на името.
Владеењето на Груевски има само една оригиналност која ја кажуваа уште за време на освојување на власта... Првин ќе си депонирате оставка па ќе добиете функција, ќе си потпишете дека нема да одите во друга партија, па ќе станете пратеник. Тоа што ќе си ја платите позицијата со донација е веќе стандард. И затоа оставката на Боцевски дојде, а тој е во Америка. Стојановски сакаше да им се спротивстави на неписмените родители кои сакаат на сила да ги запишат, без закон, без правила своите деца во медицинско. Ама неписмените испаднаа поербап од Министерот за наука и образование, му се јавија на Ахмети, тој на Грујо и го сменија. Затоа куп министри се под оставка и имаме тотална реконструкција, иако тие велат само тивка. Смешен е само оној Славевски кој забегал дека е голем министер, дека го ставиле зошто бил многу силен економист, или вмроовец. Сега си го избриша, и тоа ВМРО. Сега јавноста се фокусира таму, на владата која имаше највисок рејтинг до сега. А обично нели велат тимот што победува не се менува- дали тимот е победнички или немаме воопшто победа?
На Влатко Ѓорчев не му успа да го уапси Владо Димов, ама затоа многу се радувал што полицијата една вечер се мобилизираше и бркаше сојки, пардон, бркаше тинејџери, кои со години летно време седат низ парк. Ги апселе тие што пијат пиво или вино. Не ми е јасно кој е ќарот од апсење тинејџери во парк?... Демек успешна полиција или здрава младина? За здрава младина треба задоволни и вработени родители, кои ќе им платат на децата да одат на одмор или на концерт. На пример на Сантана, за кој картата е 2000, или Пети Смит 1000, Мориконе 2000 денари. Ама тие немаат ни леб да им купат затоа што, или газдите на фирмите не им плаќаат придонеси, или се технолошки вишок, или со месеци не им ги даваат двестоте евра плата под статистичкиот миниум. Значи направете услови, не трчајте по последиците туку по причините, а бркање сојки по парк не е посветеност на програмата, а најмалку е грижа за младината.
Владо Димов, да, Министерот за здравство кого го гони владата на Груевски, се спаси затоа што се повикал на бугарскиот пасош. За Љубчо Георгиевски велат дека го извадил бугарскиот пасош затоа што власта се пофалила дека макар една ноќ сакаат да го сместат во Шутка или Идризово. Оние што немаат пари за нова кола купуваат половна, со бугарски таблички, и тие се повикуваат на бугарско државјанство за да можат се разбира да ги возат. Студентите одат да учат во Бугарија за поевтино и за признаено образование и диплома во светот. И тие се повикуваат на бугарски пасоши. Чекајте, па кој тоа од Македонците прави Бугари- Софија или Скопје?
Боцевски се исцрпел генерациски наводно, и нема што повеќе да направи за нашиот евроатлански чекор, а неговиот заменик кој исто е на одмор кажа уште поголема мисла. Вели, нам не ни треба вицепремиер за да го смени Боцевски туку ни треба премиер кој сака во Европа и е за евроинтеграциите на Македонија.
Дали човекот уште не е сменет, или тоа е став на Секретаријатот за евроинтеграции- само прашувам?
Солана и Рен во Македонија, не ќе да се проштални средби како што некои велат. Безвизната либерализација на пакетот Србија, Црна Гора и ние е добра причина, и добра вест. Ама добра е и пораката од предгласникот на европските смирувачи на страстите, на забеганите квази политичари и лидери на западниот Балкан. Фуере нам ни кажа, не туку ликувајте, фатете се за работа, ставете министри кои веднаш ќе почнат да работат, а не функцијата да ја сфатат како меден месец или по старо комунистичка, клати врата земај плата. Сетете се кои ви се обврските, осумте бенчмаркови, не продавајте магла и стратегии и посветеност, што би рекле поданиците на Груевски, туку сработете го тоа што го ветувате ако сакате...И посветено!
Ова недела не пројдовме без апсење. Пензискиот столб, фонд, или тие кои им давале пари на Дулиќ, на Андов, и на Министерот за правда Маневски- тие кои измислувале пензионери. Сега веројатно ќе има покачување за вистинските пензионери, освен ако некој во меѓувреме не ги ограби поштенските комбиња кои ги разнесуваат парите.
Охридското езеро и пештерата врело влегоа во 77-те светски чуда од некои 200 пријавени, значи во полуфиналето. Уште во 28-те, во финалето, барем едното од двете номинирани наши, македонски, светски чуда да влезе во конкуренција. И потоа уште да си ги заштитиме и да не ги уништуваме и да не ги оставаме на забот на времето како Кокино, неолитската опсерваторија на пример. Светско чудо, а се распаѓа! Е, тогаш навистина ќе биде топ вест со која ќе се гордееме. И Охридското и Врело и Кокино.

